Евровизискиот претставник на Сан Марино Серхат, минатата недела два дена престојуваше во Скопје, заедно со својата ПР менаџерка Милица Фајгељ, за да се сретне со новинарите. Пејачот е по потекло од Турција, а во Македонија беше по втор пат. Поразговаравме многу незадолжително и во опуштена варијанта, се шегувавме и коментиравме, за се она што му се случува овој период.
Добредојдовте во мојата земја, по втор пат.
-Задоволство е да бидам, првиот пат бев во убавиот Охрид. Добре ве најдов Султана.
Ха, ха, веќе ви кажав дека тоа е несуденото име на мојата баба, и доколку се родев во вашата земја посакував така и да се викам.
-Јас ќе Ве викам Султана, ми се допаѓа. И баш Ви стои.
Ви благодарам. Уште веднаш да ви кажам, мислам дека ќе добиете поени од Македонија. Овде кај нас имаат симпатии кон турските пејачи, не е тоа тајна.
-Звучи одлично, ха, ха. Всушност, се радувам ако на луѓето им се допадне мојата музика, мојата песна и ме гласаат. Навистина ќе се радувам ако ви се допадне мојата „I didn’t know“ и гласате.
Се надевам нема да ми забележите што направив една позитивна дискриминација, но навистина овде сме запознаени со турската музика и менталитет. Второ, вие сте навистина шармантен евровизиски изведувач, позитивен, весел, а и песната дофаќа слушатели, па верувам ќе ја освоите публиката.

-Тоа сум јас. Никогаш не глумам. И секогаш тој совет им го давам на младите пејачи, секогаш бидете природни, свои, не се преправајте дека сте некој друг. Мојата евровизиска песна има кабаретски манир, спотот беше полн со такви елементи, и многу луѓе присуствуваа на снимањето, танчери, танчерки, беше весело. Но, на Евровизија мора да сме шестмина на сцена. Ама ветувам ќе биде забавно и во шоу манир.
Да, во суштина турските пејачи на евровизиската сцена знаат да запалат, како оган, еве на пример Сертаб Еренер, „Атена“, Хадизе…
-А, да. Сертаб е извонредна пејачка и моја пријателка одамна. „Атена“ исто така се мои големи пријатели, неодамна се видовме, се дружевме. Навистина нивните настапи значеа нешто.
Знаете што, со Сертаб и победата во 2003, всушност се случи пробивање на етното на Евровизија, на голема врата. Но, мене ми се допаѓаше и  „Ики дакика“ во 1990 година.
-Се сеќавам на таа убава песна, потоа една од пејачките стана многу славна. Од турските песни јас ја издвојувам песната од 1975 година, тоа ми е најомилената турска евровизиска песна „Сенинле бир дакика“.
Секогаш е препознатливо што Турците го негуваат тој етно шарм, и се повеќе внесуваат и топлина на Евровизија.
-Тоа е многу важно. Иако кредибилитетот на земјите во Европа се менува, како и нивната слика, за Турција е препознатливо што се уште држат до некои свои обележја. А Сертаб на Евровизија промени се, бидејќи од тогаш се стави акцент на етно елементи.
Имам уште едно прашање за Турција, така некако, го почнавме муабетот, а потоа се селиме на тема за вас. Зошто Турција никогаш не го прати Таркан, тој е мега популарен на цел континент?
-Немам поим. Ако го прашале може ќе прифател. Тој  навистина е многу важна ѕвезда за Турција, а и познат пошироко. Можеби не го прашале, а можеби тој не размислува за таква варијанта. Турската радио и телевизија на разни начини го избираше својот претставник досега, имаше и селекции и избори. Навистина не знам зошто не отишол, а идејата е одлична.

serhat i jas

Ајде сега да позборуваме за вас. Вие сте ем турска ем санмаринска ѕвезда годинава.
Не можам да ви објаснам колку сум среќен и почестен што јас годинава всушност презентирам, односно спојувам две земји. Избран сум од Сан Марино, а бидејќи Турција годинава нема свој претставник, како да ги застапувам и двете земји. И Турците во мене гледаат своја пејач на Евровизија.
Да кажеме дека вие сте популарен во Европа – имате големи успеси во поп музиката , со вашите песни освојувате први места на топ листите во Франција, Велика Британија, Германија, и токму и затоа ве одбраа да пеете за Сан Марино. Дали очекувате големи поени од сите овие земји?
Знаете што, може да бидете и Мадона на овој натпревар и пак да не добиете тоа што очекувате. Името не значи многу. Во ред, јас сум етаблирано име, Калиопи е етаблирано име. Јас и Калиопи сме најпознати на оваа Евровизија. Оваа година нема многу познати имиња, се’ се претежно млади и талентирани, избирани од кастинзи, шоу програми, талент шоуа, и јас тоа го обожавам. Но, токму затоа и секоја победа е непредвидлива. А ловриките ги носи само тој што победува. Победата е победа. Се надевам и годинава ќе победи добра песна. А може и јас. Кој знае?
Мислам дека не е потребно Евровизија, да има победник. Сите се победници.
-Тоа сакав да кажам. Овде никој не може да изгуби. Никој не е губитник на фестивалот. Се зависи од тоа која песна тебе ќе ти се допадне. Таа треба да си ја слушаш. Уметноста токму тоа го бара, финост. Тоа е нешто прекрасно што треба да го споделиме. И се треба да биде мирољубиво и со позитивен контекст. Јас уживам во евровизиските фестивали.

Видов на Интернет пред некој ден сте се фотографирале со Сакис Рувас, незаборавниот грчки претставник, чиј перформанс, според мене е ненадминат на Евровизиите, затоа што никој не може да го заборави неговото експлозивно танцување.
-Да. Сакис е исто  мој пријател. Исто така, јас имам кариера и во Грција, и некои песни. На некои мои промоции таму тој беше мој гостин, на некои негови јас му гостував. Беше гостин и во моето ТВ шоу во 2005 година „Калимераба“ кое беше наменето и за турски и за грчки гледачи, па кога одам во Грција се среќаваме и среќни сме и обајцата кога во некои прилики се дружиме. Тој е многу позитивен, многу убава личност е тој. Многу сјае, дури и сега кога е татко на три деца и има „нова работа“ во животот, тој секогаш е весел.
Евровизиската магија трае засекогаш, а вие наскоро ќе ја вкусите. Замислувате што ќе правите после Евровизија?
-Мојата агенда е променлива, но пред се сакам добро да се одморам, заморен сум, промоции, патувања, настапи. Не знам каде ќе одам потоа, но знам дека ми треба одмор. Јас сум професионалец, па продолжувам со снимања. Мојата музика ја вклучи и Евровизија во програмата, но тоа не е се. Ќе објавувам други песни. Сега уште повеќе, од ден на ден имам се повеќе пријатели низ Европа. Прекрасни се сите.

Бев во Истанбул во 2004, за многумина најдобрата Евровизија, со Тоше…
-Го сретнав Тоше во Малта, таа година бев кај моите пријатели Џулија и Лудвиг кои исто така беа претставници, и нема да ми верувате толку убаво се запознавме со Тоше, а потоа повторно го сретнав во Зеница по неколку години. Тоше беше уффффф….толку талентиран, толку голем артист, таква личност. Жално е што отиде. Мислам дека тој е тука, не гледа. Сите го чувствуваме Тоше. Тука е. А неговата песна „Life“ беше со извонредни стихови.
Стиховите се позајмени од беседите на Мајка Тереза.
Не знаев, еве сега знам. Тоше е толку голем, имам негови албуми и ги слушам. Ми е жал. За мене Македонија е Тоше и Калиопи. А таа Евровизија, беше најдобра, сите го велат тоа… Благодарам „Султана“ на интервјуто, посакувам наскоро пак да се видиме.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Advertisements