columnВип!

Column Valentina Gjorgievska Pargo

ВИП!

ВИП во Стокхолм. Во светски град, на светски настан. Газиш на црвениот тепих и се штипкаш за да се увериш дали си тоа ти, и дали тоа околу тебе е вистина, или само твоите соништа и мечти. Ја погледнуваш добиената картичка и повторно читаш-ВИП. Да, тоа сум јас!
А, да се биде извесен ВИП во светски град, за светски настан, е нешто што возбудува во самата помисла. И колку ги уживаш нештата наоколу, толку правиш компарации на она од каде си дошол и онаму каде ќе се вратиш, многу наскоро. Кога светлата ќе згаснат, а магијата пред очи ќе исчезне.
Богат, модерен, цивилизиран, смирен и спокоен град. Со, ни најмал шум кој може да те вознемири и извади од памет. Како тоа го постигнале, е првото прашање кое ти се наметнува.
Оној ден од пред хотел „Шератон“ се качив на веселиот шарен автобус од турата „хоп он-хоп оф“, си ги ставив слушалките за превод, и мирно завалена се потпрев на прозорецот. Се возиш и те мрзи да се симнеш на некоја од посочените постојки, и да продолжиш во музеј или на брод, и одлучуваш-нека биде панорамски разглед. Има и што да се види. Кипи од богатство и убавина.
И одеднаш рипнуваш: слушалките до тебе ја носат информацијата дека-пред 150 години Шведска била сиромашна држава, најсиромашна во нивниот регион и одеднаш решиле да се издигнат и така направиле, и затоа денес е една од најбогатите и секако и најмоќна.
Како тоа најсиромашна? Како тоа решиле? Зар да се биде богат и среден зависи само од „решение“? Аха, значи така. Добро, кога ќе се вратам ќе пренесам. Но кому? Таму сега луѓето се мразат едни со други, наместо да седнат и да „решат“. Да решат да бидеме богати. И среќни.
Лута сум им, на сите.

Демократија!

Дека ова е навистина демократска земја, тоа чувство ме следи од самиот почеток. Демократија на која се согласиле самите граѓани. Не само на „хартија“. Со таков момент се соочив уште кога слегов на аеродромот Скавста, одалечен  100 тина километри од Стокхолм.
Во празниот автобус влегов меѓу првите, си избирав место и удобно се сместив, а набрзо, кога почнаа да влегуваат и други луѓе, од летот од Италија, влезе човек налик на пилот-во елегантен костум и помина за да провери каква е состојбата во автобусот.
Одеднаш нешто замириса, гладната девојка неколку седишта пред мене извади сендвич и почна да јаде. Возачот се приближи и ја опомена на глас „hot food smells“, на што таа му одговори „that is your opinion“. Тој се доближа до неа и со малку поостар тон го повтори истото „hot food smells“. И таа го повтори истото „that is your opinion“.
Разврската која ја очекував, во најмала рака, беше караница, која ќе ги вознемири сите присутни. Се излажав. Возачот веднаш се повлече, девојката веднаш го повлече сендвичот. Компромис. Разумност. Почитување. Демократија.
Не сакав да замислам како е кај нас во автобусите, кој патува(л), знае-ми излегуваше слика во која од мала препирка на двајца, настанува општонародна кавга во автобусот, со пцовки, навреди, клетви.
Инаку, во Швeдска дознав дека најсилна пцовка им била нешто во стилот – пу јазк. (Мајки-шајки, се уште не стигнале до тој простор).

Правила!

Беше многу интересно за нас новинарите, кога првиот пат бевме во стокхолмската Глобе арена во 2000-та година. Во прес центарот не пречекуваше роботче, високо метро и некој сантиметар, кое одеше по нас и нѝ поставуваше прашања, но исто и одговараше. Како мало човече. И уште посимпатично, послатко, неодоливо. Бараше и да го гушнеш.
Сега го немаше роботчето, а гушкање добивавме од „Free hugs“ момчето низ прес центарот.
Јас отидов на првиот кат, зад големите завеси, таму порано беa прес центарот и роботот, и се врткав и фотографирав. Немаше никој, владееше штама и полузапалени светилки. За неполна минута од секаде дојдоа редари.
-Ве молиме одете од тука.
-Не, јас само да се фотографирам…
-Ве замолуваме, веднаш.
-Ама зошто сте толку строги, јас само се потсетував на….
-Вие сте во ризик да ја изгубите вашата акредитација, засекогаш! Сте слушнале за тероризам и заштита од тероризам?
-Па зарем јас, која сум само крајно безопасна новинарка… Еве проверете ме, ги раширив рацете. И, заминав.
Во тој момент сфатив дека демократијата е заменета со правила, кои мора да се почитуваат.  А, што ако и на други им текнало да дојдат и да се потсетуваат? А, ред е ред.
Тој ред го почитуваат сите, безусловно. Дури и возачот на еден автобус само што му се доближав и го прашав „дали може нешто да прашам“, отсечно ми одговори „не“.
-Ама јас не знам каде е Кралската палата, каде да слезам?
-Тоа не е мој проблем, оставете ме да се сконцентрирам и да возам, ми рече.
Луѓето си ја гледаат својата работа и се максимално посветени на неа.
За разлика од тој возач, на денот на полетувањето, јас бев оставена на автопат во Скопје од официјалниот превозот до аеродром. На договореното место не застана да ме земе, иако телефонски договоривме. Прошиша покрај мене. Или заборавил, или зборувал на мобилен, или слушал музика во автобус, или бил пијан, немам друго објаснување. Се јавив кај секретарката да реагирам, таа ме обвини-а вие му мафнавте да застане, или не?
-Како да му мафнам на автопат на автобус кој се вози во втората лента со брзина над 100 км на час? Како да и објаснам. Нејсе, најдов такси.
Разликите се драстични!

Љубов!

Можеби ќе речеме дека во „западниот свет“ луѓето се ладни и не знаат за љубов, но можеби треба да ја преиспитаме оваа наша констатација. Можеби само тие не ја доживуваат љубовта еуфорично како нас, а не дека не се сакаат. Она вечер кога шетав сама за да поуживам по улиците во мир и изолација, поминаа многу вљубени. Се ѕверев во нив, да им провалам во начинот на водење на љубовта. Беа многу многу тивки, се си кажуваа на увце и иако немаше никој по улица тие, човече, ем шепотеа, ем не се ни смееја гласно. Се со тивко и дискретно.
А поминаа многу двојки-различни двојки, фатени за рака или гушнати. Машко со женско, постар со помлада, машко со машко, женско со женско. Млади, постари. Не се ни обѕирнаа да ме видат зошто така ги зјапам. Само слободни и среќни луѓе се добри луѓе, и не се опасни. Луѓе неосудени од другите. Луѓе кои живеат за себе. И за својата љубов.
Да живее љубовта на шведски начин! Да живее!

Стандард!

Боже, кога ќе размислам нема Евровизија на која мојата нежна телесна форма да не доживее терор. Се сум шарана–те со модринки,  плуски, без сила, полусвенати очи, болки, симптоми.  Уште од првиот ден. И редовно завршувам на брзата помош. Годинава си ветив дека нема-цел грст апчиња завршија во мојата торба и подготвена сум за пат. Така мислев. А не испадна така. Петокот удобно кулирав на омилените бели гарнитури, кога одеднаш ушите ми зажежија, образите ми се вцрвија, а мене почна да ми се врти.
Да не не сум добра? Потрчав до холот, и побарав доктор. Збунета и во паника девојката која обезбедуваше по токи-воки почна да бара решение. Чекав 40-тина минути, дури изгубив надеж, кога се појавија два симпатични млади ликови, со ранец на нив, изгубени меѓу бројните влезови во огромниот комплекс Глобе.
– Матц сум јас, мило ми е, ми пристапи љубезно младиот доктор, потоа ја претстави и својата асистентка.
Љубезни, мили, прво ме муабетеа едно десеттина минути, дури потоа ме праша кој е мојот проблем. Го измеривме притисокот. Покачен е. 150-160. Им побарав таблета, немаа.
-Само смирете се, знам тоа е од возбуда. Веројатно од  Џастин Тимберлејк, сите се возбудени, констатира насмеаниот доктор.
-Ама докторе каква возбуда ви се молам, па од Џастин. Јас  си бев толку релаксирана и среќна. Наеднаш ова ми се случи. Дајте ми таблета!
-Но ние немаме таблети за притисок, тоа не носам. Не се појавила потреба, не е ургентно. Ретко кој се пожалил на притисок.
-Добро, ќе се напијам од моите таблети, да ги најдам во торбата, му реков, и си размислував-каков е овој свет каде покачениот притисок не им е прв на листата на ургентни здравствени неизвесности? Зарем тука луѓето немаат масовно притисок, како кај нас секој втор?
А, даааааа, јасно ми е, тоа се добива од стресови. Од нездрави околности за живеење. И од нездрав начин на живот.

Не чини Евровизија?

Имам чувство како ние (мислам на мноштвото) да не можеме да се навикнете ниту да ги прифатиме убавите работи. Убавите работи ги критикуваме, а за лошите имаме убав збор. Зошто сме превртени наопаку? Пред десеттина години еден многу просечен автор кој имаше среќа под еден среќен тек на околности и со многу  просечна песна да оди на Евровизија, по враќањето смело изјави-на Евровизија не ми се допаднаа ни песните, ни луѓето (????). Отиде уште неколку пати потоа, грубо навалувајќи да оди, и смело газејќи си на сопствениот збор и секогаш доживувајќи го истиот дебакл. Оди, потроши (ни) ги парите, бакни го дното, и ете го назад.
И нас не ни се допадна, ни ти ни твоите песни, и сега што правиме?
Не ни се допадна поради твојот однос, момче.
Но не е само тој. Има многу такви музичари. Наместо да даваат се од себе да еволуираат во својата професија и еден ден да го доживеат и тоа врвно евровизиско претставување, тие игнорираат и негираат (а се во стилот на лисицата-кога не можела да го дофати на гранка, велела-кисело е грозјето!)
Пред неколку години еден наш музичар ме убедува дека не треба да одам (одиме) таму, тоа не е музика, тоа е циркуз, парада, кич, шунд, нипшто, не вреди.
-„Не чини Евровизија“, тресна и остана жив, и замина на тезга, да пее на микрофон кој крчи, на полураспаднататата бина на сретсело! Или во некој локал, за хонорар колку за сендвич и половина.
Разликите се драстични!
Побогу, зошто  сме се научиле убавото да го доживуваме  како  шок? Нашите сетила не се подготвени да восприемаaт толку префинети слики во толку кратко време?
Евровизијата е налик вселенски брод, во кој Европа вложува силни милиони и милиони, целото свое знаење, врвните мајстори-магионичари на забавата и техничко-технолошки и дигитални достигнувања. А ние тоа го добиваме бесплатно. Доволно е само да се опуштиме и да уживаме во таа магична ноќ, која некој ни ја приредува бесплатно! 

Евровизија > Супербол

Годинава, Евровизијата ја гледале 10 милиони луѓе повеќе од Супербол. Ха!
Се повеќе и повеќе гледачи, од Европа, Кина, Австралија, Америка. Ќе се памети Џастин, долго, долго…
Настап на Евровизија е многу фина работа,  но, и поркај се, во крајната сметка е неисплатлива и без ефект. Тоа е само забава за една ноќ. Следната се заборава, освен ако не си АББА, или Сели Дион, Џони Логан. па да го освоиш светот.
Многу пари за „ништо“. На целава наша ситуација дали воопшто ќе (треба да) си дозволиме барем во следниве години некого да пратиме. Мене ќе ми биде многу жал ако не пратиме. Но, и да се одлучи некој да оди, сигурно ќе има силни реакции и бојкот од најголемиот дел од народот, кој се бори за да преживее, да плати сметки, да си купи лекарства. А каков е тој претставник кој не е легитимно потврден, поддржан и сакан од оние кои ги застапува-народот? Никаков. Не постои.
А вреди да се оди. На пример годинава, освен што беше фантазија, имавме неповторлива и речиси историска шанса наш пејач/ка да застане на сцената рамо до рамо со една од најголемите светски ѕвезди, симпатичниот Џастин Тимберлејк. И таа шанса ни избега од рака, ни се лизна како рипка која си ја фатил во аваквариумот.
Не знам, еве.  Можеби не следи лоша карма затоа што ние за убавото велиме-не чини, а она што навистина не чини-го фалиме. Лицемерие, кое го плаќаме скапо. Не дека не не сакаат во тоа друштво. Ние како да не сакаме да бидеме дел од тоа друштво. Самите ние!
Треба, треба да погледнеме поубаво и со убави очи, кон убавите нешта.

Твоја, Парго

Advertisements