alagjozovski.jpg(Скопје 13.11.2017)

Министерството за култура на Република Македонија во соработка со Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија (Сектор за култура) и Агенцијата за филм на РМ, денеска во ЕУ Инфоцентарот во Скопје организираа конференција на тема: „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“.
На конференцијата се обрати министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој говореше на тема „Патот на Западен Балкан кон ЕУ: Културата има своја улога“.
Учество имаше и шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, кој зборуваше на темата „Зошто културата е важна за Европската унија?“, а свои поенти сподели и раководителот на Секторот за култура од Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија, Карел Бартак.
Министерот за култура Алаѓозовски потенцира дека на Конференцијата на највисоко ниво беше потврдена посветеноста на Македонија за активна вклученост во комплексниот контекст од кој произлегува и во кој се спроведува програмата Креативна Европа и нејзината рефлексија, не само во реформските и евроинтеграциските процеси на Република Македонија, туку и во градењето на мостови за заеднички културен простор.
„Анализите покажуваат дека македонските организации и институции се добро застапени во европските програми, и дека има простор да се зголеми нивното учество во соработничките проекти, мрежите и платформите кои се нудат во програмата на Креативна Европа“, вели Алаѓозовски.
Министерот за култура на, Алаѓозовски ја потенцираше поголемата посветеност на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура кон евроинтерациите на земјава, па затоа истакна дека се направени и конкретни чекори во таа насока. „Веднаш пристапивме кон надминување на една од сериозните пречки за културните оператори во РМ при учество во проекти од Креативна Европа, кофинансирањето. Министерството, во рамки на Годишниот конкурс за 2018 година, го подобри ко-финанисрањето на поддржаните проекти од Креативна Европа.“, рече Алаѓозовски.
На конференцијата „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“, Алаѓозовски истакна дека во новата стратегија во културата што се изготвува има посебно поглавје за европеизацијата на македонскиот културен контекст.
Тој зборуваше дека на Македонија ѝ се потребни европските културни вредности како пристап на сите и на секој кон културата; култура на креативната работа; слобода на културното истражување, изразување и движење; вложување во истражувања и во развој; афирмација на европскиот идентитет во неговата разноликост; борба против пиратството во сферата на авторските права, јакнење на уметничкото образование, заштита од монополите, поддршка за дигитализацијата како нова можност за дифузија и создавање нови форми на уметничко изразување. „Во таков концепт културата нема да се базира на претпоставени затворени национални или други идентитети, туку ќе претставува динамизам на разлики, кој е секогаш отворен за вреднување“, рече Алаѓозовски.
Во контекст на земјите од Западен Балкан тој рече дека сè уште не можат целосно да ги користат сите механизми на ЕУ, па затоа истакна дека сите учесници на конференцијата се согласни од потребата на зајакната културната дипломатија што ќе се спроведува со конструктивна соработка со МНР во рамки на регионот и Европската Унија.
Алаѓозовски ја искажа подготвеноста на Македонија во натамошна соработка во дигитализацијата со помош на иновативните методи и технологии, како вклученоста на нашите институции во усогласување на ставовите за ефикасно спроведување на проектите во следната година, кога Европа ќе ја одбележува Годината на културното наследство.
На конференцијата беше опфатен и практичен дел кој се однесува на досегашните резултати од спроведувањето на програмата на европско ниво, како и тековните повици за аплицирање за потпрограмите „Култура“ и „МЕДИА“.

Advertisements