toso filipovski

Силни реакции и голем одѕив во јавност предизвика фб постот на новинарот Тошо Филиповски, кој наскоро ќе ја објавува Рок енциклопедијата за македонската сцена во изминативе децении. Нему му се одобрени малку средства од Министерство за култура, за објавување на книгата. По првиот пост, Тошо се обрати си втор пост, во кој напиша јавна реакција до министерот за култура Роберт Алаѓозовски:
-Драги пријатели ….притоа мислам на сите вас кои сте музичари или пак само ја сакате/уживате рок музиката (а за да нема недоразбирање или спинувања, овде подразбирам се: jazz, blues, punk, heavy metal, world music, electronic, underground, modern pop….). Ви благодарам за поддршката по однос на мојата реакција кон одлуките на Министерството за Култура а кои се однесуваат на третманот на рок сцената воопшто, а не само за односот кон Македонската Рок Енциклопедија, гледано од аспект на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од Културата. Сеуште го имам истиот став, дека рок музиката и рок сцената е фрлена на колена и наместо поддршка на проекти и програми кои имаат/може да имаат подлабок и подолготраен општествен културен импакт кој системски ќе ги подобри позициите кои водат кон создавање на услови за нормален развој на сцената, со ставот да се поддржат огромен број на проекти, се прави само дополнителна штета на ионака уништената урбана музичка сцена. Во мојот прв пост ветив но не се додржав до ветувањето, дека нема да навлегувам во дополнителни коментари. Целта беше да ги испочитувам сите законски процедури но и да не дозволам некои луѓе да ме искористат како понтонски мост преку кој ќе му зададат удар на Министерот (за кого сеуште сметам дека е најдоброто можно решение за таа позиција) или уште полошо, да не наведат на тоа да сами меѓу себе почнеме да си вадиме очи по неколку основи: зошто тебе толку а мене не, зошто на албанци волку а на македонци толку, на вмровци и на сдсмовци, на шарени и тврдокорни… и слично….и во овие контексти сметам дека веќе надалеку залауфаните тролања по социјалните мрежи по однос на детето пеач или сумите доделени на едни а не на други водат токму кон такво непотребно самоуништување. Суптилните повици за оставка на Министерот го потврдуваат токму ова, дека се работи за некакво сценарио во кое можеби тој и несвесно е втурнат но свесно му се подметнати неколку тројански коњи кои тој мора да ги потпише. Културата и културниот производ се едно, националната и политичка припадност сосема друго. Но да се навратам на суштината на мојот пост кој не сакам да го дисперзирам во други културни подрачја освен во она со кое е засегната фелата на која и припаѓам, РОК СЦЕНАТА. Почитуван Министре, на првиот ден од вашето седнување во фотеља бевте дел од една дебата на која јасно беше искажано дека рок сцената безрезервно застана зад вашето именување и со задоволство ги прифати вашите размислување дека имате сериозни намери да го подржите и овој културен сегмент (дотогаш маргинализиран и гетоизиран) рамноправно како и сите останати сфери во културниот живот во државата. Верувам убаво бевме разбрани од ваша страна иако и после таа дебата имав огромен медиумски притисок кој се сведуваше на спинувања и вадење од контекст на нештата. Не, на македонската рок сцена не и требаат субвенции !!! На македонската рок сцена и се потребни системски и законски промени кои ќе и овозможат стабилизирање и развој по сите пазарни принципи на музичка индустрија. Македонската рок сцена е способна а низ 6 децении опстојување покажала и дека има квалитет кој може и е извозно ориентиран што пак математички би значело и значи финансиски импакт во буџетот на државата. И такви проекти треба да бидат подржани, кои имаат квалитет да се продадат на страна или пак кои достоинствено и гордо ја презентираат нашата држава. На домашен терен, ситуацијата е тешка, но и овде една од стратегиите може да биде (како што е случај во многу држави) подршка на рок проекти/програми кои значат културен туризам и повторно прилив на финансии од околните и европските држави (примерот на Exit). Друга стратегија која може да и помогне на домашната млада сцена (млади бендови) e поддршка на проекти/програми кои ќе овозможат квалитетни услови за развој на сцената….еден од нив е можен следниот. Инфраструктура постои (Домови/Центри за Култура) но истата не е стимулирана/доволно екипирана (не мора финансиски, доволни се за почеток и едукативни сесии за новите директори) да ги отвори вратите кон младите музичари па преку размена на проекти и идеи помеѓу тие центри би се создала база од 30ина простори кои локално но и државно би ја развивале сцената (примерот со Словенија е потврда дека ова е изводливо). И вакви мерки предложивме еден куп…не субвенции повторувам….отварање на можности. И најважното кое беше споменато а за кое рековте дека ќе биде сменето, ако не посебна програма за рок музика (примерот со Хрватска) за да се избегнат сега кавгите помеѓу институционални и вонинституционални музичари, музичари и промотери со урбан или класичен поглед на културата, тогаш барем РЕЗЕРВНАТА солуција, ЛУЃЕ ОД ФЕЛАТА да бидат застапени во комисиите (а притоа самата фела да си ги изготви критериумите) во сите идни конкурси на Министерството за култура. Луѓе кои знаат да препознаат квалитетен проект па и нека се само 2, 3…5…..ама да бидат издржани и кои кореспондираат со претпоставената јасна визија на Министерството дека очекува ваков или онаков културен импакт во средините. Распределбата на ваков популистички начин, на стотици проекти, со ситни суми со кои не може да се реализира во потполност ни еден сериозен проект а да не збориме за квалитет, ќе ги сведе крајните резултати на спорадични културни активности од кои никој нема да има бенефит а Македонската култура ќе биде повторно на дното. Комисијата која е поставена е без кредибилитет во Рок заедницата (впрочем мислам дека се работи за музичари од академската заедница) за да може истата да ги вреднува поднесените проекти и да ја види потребната голема слика за подигнување на сцената. Раситнувањето и поддршката со недолични и недоволни суми за реализација на квалитетни и издржани проекти доведе до оваа ситуација да ние сега и овде повторно се вратиме на почетоците и да се гледаме еден со друг со недоверба и злоба, а требаше да биде спротивното. Заеднички да разговараме како тие малку но квалитетно поддржани проекти можат да помогнат во едуцирање и создавање на постојната и нова публиката односно уживање во културни добра со врвен квалитет. И овде ќе завршам и повеќе нема да се впуштам во дискусии се до крајните одлуки на комисиите и Министерството по однос на приговорите. Впрочем, не сум овде и не е ова мојот “концепт за револуција”. Патем само како ислустрација за несоодветната комисија, е и одлуката која го понижи Г-дин Вртев (Архангел), за кого комисијата претпоставувам и не знаела дека е човек со концепт кој веќе еднаш (пред 25 години) предизвика урбана, и не само музичка револуција ! И нема да набројувам….да се навлечам кај што не сакам а некој сака да не навлече….Не ми причинува задоволство да полемизирам/пишувам за вакви теми, колку што сум задоволен кога пишувам за рок музика и кога го збогатувам непостоечкиот архив на македонска рок музика за кој државата одамна има кренато раце и го оставила да скапува на буништето на историјата, притоа начелно заложувајќи се за Заштита на Културното Богатство. Зарем илјадниците рок изданија не се културно богатство…артефактите…аудио и видео материјалите……
Завршувам со ова, почитувани пријатели и Почитуван Министре Алаѓозовски. Министре не дозволувајте да бидете вовлечени во игри во кои крајниот резултат би бил ваша изнудена или доброволна оставка. Донесовте надеж и свежина во културата, не бегајте сега пред да ги реализирате визиите. Независната сцена не смее да подлегне под притисокот на политиката. Бидете радикален во некои одлуки и имајте став, па нека биде и на штета на рок музиката но да биде полезен за целата Македонска Култура. Не подлегнувајте на политички или било какви други притисоци, сопрете ги подметнувањата, омразата и поделбите и имајте доблест да ги сослушате разните културни сектори. Застанете зад комисијата/комисиите доколку навистина сметате дека ја следеле вашата визија за подобри културни вредности (патем не видовме/слушнавме по кои критериуми се донесувани одлуките и сумите), или разрешете ги !!!
Со почит до сите вас мои драги пријатели…јас се одјавувам….. Следно од мене по однос на ова ќе биде реакција по приговорот или пак веројатно и побргу, најава за точниот датум за промоција на Македонската Рок Енциклопедија !!!

Advertisements