САРИЕВСКИ, МИТКОВСКИ, СРБИНОВСКА, ТРАЈКОВСКИ ЗАЕДНО ВО ГРУПА
“Ај кју – новата генерација Македонци”

(РЕТРО: 23 јануари 2006, објавено на порталот Вечер)
Иван Сариевски-Саре, Иво Митковски, Искра Србиновска и Бојан Трајковски, алијас бенд “Ај кју”, според однесувањето, културата, претставителноста, интелигенцијата и талентот, јас велам се новата генерација Македонци, кои нема да не усрамат каде и да се најдат на земјината топка. Но, ве молам засега да не го повикувате моето име се додека не ги добијам резултатите кои со сигурност ги очекувам, вели нивниот продуцент Бојан, кој својата диплома по менаџмент во културата ја стекнал на Факултет за драмски уметности во Белград.
Тој многу добро знае во иднина каде топло ќе се ракуваат “Ај кју”, публиката и медиумите.
Eye cue на англиски јазик значи ишарет, знак со око, односно во случајов, во “превод” тоа означува нов, чист македонски рокенрол.
Бендот нема предводник, сите се на исто ниво. Иван Сариевски(1982) свири бас гитара – студира на Педагошка Академија. Неговиот врсник е Иво Митковски, апсолвент на интердисциплинарни студии за заштита на животната средина. Искра Србиновска која едно време пееше во М2 , е две години помлада и таа е сега четврта година на комуникациски науки на Штуловиот Универзитет, каде исто така студира и Бојан, трета година на економија.
Бендот е формиран јануари 2001. Претходно во неа биле тапанарите Бранко Гусич и Бојан Перевски. За пет години оствариле над 800 клупски свирки. Музиката што ја свират е рок, панк-рок, метал, реге, денс…. Не се ограничуваат во одредени стилови музика, напротив – прават фузија од се и сешто. Со сопствена музика се занимаваат од февруари минатата година. “Ај кју”, како “Ај кју” почнуваат своја епизода со албумот што го подготвуваат во студиото Профундус. На своето конто досега го имаат искнижено и настапот на Моторџиски самит и преуспешниот настап на “Рокенрол кафе 1”, минатото лето. Тие, заедно со други млади рокенрол бендови, со ист потенцијал, ќе настапат и на “Рокенрол кафе 2”, на 27 овој месец.


“АЈК КЈУ” – ДАВААТ ИШАРЕТ. . .
Како се случи Вашиот влез на официјалната сцена?

Бојан: -Групата се оформи пред пет години. Јас и Искра сме другари од маало, а првиот наш тапанар се знаеше со Саре, па му дојде идеја да свириме во бенд. Тој не спои. Иво и Саре претходно свиреа во “Мејлбокс”. Менаџерот не откри на свирка во Маракана, ни пристапи, ни кажа дека има потенцијал во нас, дека сме добри. Ние веќе бевме во фаза на правење наша музика и се совпаднаа нашата и неговата цел. Секако, остварувањето на сите планови е полесно со менаџер. Ако Алекандар Сариевски остави силен музички наследник во Тебе, Ти автоматски го имаш легитимното право на користење на се она што тој ни го остави во наследство на сите. Зошто, на пример, групата не го понесе името Зајди, зајди, јасно сонце?
Саре: Јас го смислив името на групата. Нема некое длабоко значење. “Ај кју” ми звучеше симпатично, невообичаено. Па, не знам зошто не е Зајди зајди!? Сакав да оставам свој печат, да не користам нешто што веќе има предзнак на национален музички идентитет, иако е од дедо ми, и сакам да не препознаваат строго по нашиот стил на музика.
Ќе направите ли рокенрол варијанта на темите од богатата музичка ризница на Сариевски?
Иво: Никогаш не се знае. Тука во Македонија може да се прави верзија на творештвото од сите автори. Сите се љубезни и ги отстапуваат правата, никој не бара пари. Само треба да завртиме бројче. Засега, со заедничка креативна енергија направивме девет авторски теми за албумот. На “Рокенрол кафе 2” ќе изведеме нешто и на англиски, а работиме и на песни во српска и хрватска верзија.
Валентина Ѓоргиевска Парго