dmm
(Скопје, 13.03.2018)

Од 22 март до 5 април ќе се одржат 41. Денови на македонска музика, ќе бидат отворени на 22 март со доделување на годишните награди на СОКОМ и концерт на Македонската филхармонија со солистите Александар Иванов (виолина) и Игор Иванов (кларинет), на кој ќе настапи и камерниот хор „Херувими“.
На програмата на годинашните ДММ се мултимедијалниот концерт на Иван Пенов, Дарија Андовска и Влатко Георгиев, концертот „Private Music“ на Кокан Димушевски, концертите на млади „Монохроматика“ и на ансамблот „Контемпора“, праизведба на операта „Помеѓу соништа и летови“ на Горан Начевски.
Гости оваа година ќе бидат Камерно трио од Албанија, клавирското дуо „Артворк“ од Германија и ансамблот „Меитар“ од Израел. Од Уметничкиот одбор на фестивалот наведуваат дека се работи за врвни музичари кои ќе го претстават својот избор од македонското и од актуелното музичко творештво од земјите од кои доаѓаат.
Пијано дуото од германскиот ансамбл „Артворк“ ќе настапи и во Струмица и Гевгелија затоа што, велат од Уметничкиот одбор на ДММ, една од најважните мисии на фестивалот е и образувањето нова публика.
Покрај концертна програма, на 41. Денови на македонска музика ќе има и предавање – „Моите дела со боја и звук“ на Ајал Адлер од Ерусалим, како и семинар за четирирачно пијано и клавирско дуо со гостите од ансамблот „Артворк“.
ДММ се организација на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).

Advertisements