(Скопје, 11.04.2018)

Во пресрет на овогодинешните 46. по ред Мајски оперски вечери, Македонската опера и балет подготвува прекрасни доживувања за љубителите на уметноста под мотото #ГоСлавимеПучини. По повод 160 годишнината од раѓањето на овој безвременски мајстор на операта, Македонската опера и балет подготви програма од неговите најпопуларни дела, поддржани со гости солисти од целиот свет. Оваа година, публиката на Мајските оперски вечери, во нејзината официјална програма, ќе може да проследи 5 оперски изведби, еден оперски и еден гала балетски концерт. Како дополнително уживање во месецот на операта, Македонската опера и балет подготвува две изложби и две промоции на книги.

Свеченото отворање на овогодинешните оперски вечери ќе биде со премиера на претставата „Боеми“, традиционално, на 9. мај. Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими во Париз ќе се изведе под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, во режија на Дејан Прошев. Главните улоги ќе ги изведат нашите солисти Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова.

Мајските оперски вечери ќе продолжат „во Рим“ со изведба на претставата „Тоска“, на 12. мај. Диригент на оваа изведба ќе биде гостинот од Р. Словенија, Симон Кречич, во режија на гостинот од Р. Бугарија, Огњан Драганов. Во улогите на Тоска и Каварадоси ќе ги видиме гостинката од Турција, Феријал Туркоглу и гостинот од Италија, Роберто Јулијано.

На 15. мај, Македонската опера и балет подготви Гала балетски концерт, со гости од Србија, Бугарија, Хрватска и Босна и Херцеговина како и нашите балетски првенци.

На 19. мај нашето патување ќе отиде во далечната Кина со приказната за студената принцеза Турандот и принцот Калаф. Диригент ќе биде гостинот од Р. Италија, маестро Лоренцо Тациери. Режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, од Р. Италија, додека за светлосниот дизајн се погрижи Волфганг вон Зубек од Австрија. Главаните улоги ќе ги толкуваат Весна Ѓиновска – Илкова, Ноема Ерба од Р. Чешка, Игор Дурловски.

На 22. мај, Македонската опера и балет ќе биде домаќин на Националната опера на Р. Босна и Херцеговина со изведба на нивната најнова оперска продукција „Змеј од Босна“. Автор на ова дело е познатиот композитор Асим Хорозиќ, додека либретото е на Нијаз Алиспахиќ. Диригент е гостинката од Р. Хрватска Нада Матошевиќ – Орешковиќ.

На 23. мај, предвиден е оперски концерт по повод 160 годишнината од раѓањето на Џакомо Пучини и 150 годишнината од смртта на Џоакино Росини. Диригент ќе биде Рафаеле Масколо од Р. Италија, додека како гости солисти ќе се појават Екатерина Баканова, сопран од Русија, Линда Кампанела, сопран од Италија како и нашите оперски првенци.

Мајските оперски вечери ќе се затворат на 31. мај традиционално со изведба на операта „Аида“ под диригентско водство на маестра Бисера Чадловска. Режијата е на Дејан Прошев, додека главните улоги ќе ги толкуваат Ана Лукреција, Софија Јанелидзе, Валтер Фракаро, Борис Трајанов, Владимир Саздовски и Александар Стефановски како и балетските првенци Ивана Коцевска и Дојчин Дочев од Р. Бугарија. Оваа вечер ќе биде посветена на нашата првенка, сопранот Данка Фирфова, по повод 100 години од нејзиното раѓање.

Покрај нашите гости, домашните оперски и балетски солисти и првенци, настапуваат хорот, оркестарот и балетскиот ансамбал на Македонската опера и балет.

Во дополнителната програма на овогодинешниот фестивал, Македонската опера и балет ќе организира изложба на постери и фотографии од изминатите изданија на Мајските оперски вечери. Оваа ретроспектива ќе ни овозможи да се потсетиме на некои одлични изведби на претстави низ годините.

Втората изложба во рамките на Мајските оперски вечери ќе бидат делата од целокупниот опус на мајсторот Васе Урдин. Материјалот во кој наоѓа одглас уметничката експресија на овој автор е оревовото дрво.

Како дел од Мајските оперски вечери ќе биде и промоцијата на монографијата за оперската певица Зина Креља, сопран и првенец на операта. Автори на монографијата се м-р Снежана Анастасова – Чадиковска и д-р Александар Трајковски.

На 10 мај во фоајето на МОБ ќе се одржи промоција на најновата книга на г-нот Аки Нуредини, хуманитарец, вљубеник и голем пријател на оперската уметност, пријател со сите светски оперски ѕвезди на денешницата како и со најактуелните светски политичари. Промоцијата на книгата ќе биде проследена со пригодна музичка програма. Промотер на книгата ќе биде светски познатиот режисер Ренато Занели.

Со 46 те Мајски оперски вечери имаме чест да Ви најавиме дека наш нов пријател на културата и на нашата институција е Еуроимпекс. Како љубители и поддржувачи на културата се надеваме на долгогодишна соработка во областа на балетската и оперската уметност. Наша чест е што добиваме пријатели кои ќе се грижат за сите наши патувања да бидат сигурни, достоинствени и успешни. Наша „дестинација“ ќе биде успехот на МОБ на европските врвни сцени.

Advertisements