hadzimanov

(Скопје, 16.04.2018)

На Факултетот за музичка уметност на 18 април (среда) со почеток во 13 часот во малата концертна сала ќе се одржи промоција на каталогот за мелограмитеод легатот на истакнатиот македонски фолклорист Васил Хаџиманов, кој го изработија студентите на програмата од вториот циклус студии за музички науки при ФМУ Николче Витковски и Цветанчо Николоски под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски. На промоцијата каталогот ќе им биде предаден на претставниците на Македонската академија на науките и уметностите, каде се наоѓа овој легат.Во овој каталог се попишани 10166 мелограми кои се дел од обемниот легат на Васил Хаџиманов кој се наоѓа во архивот на МАНУ. Треба да се истакне дека првата прецизна евиденција за содржината на овој легат исто така беше изработен од студентот на постдипломски студии при ФМУ м-р Елени Новаковска, исто така под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски во 2005 година. Со попишувањето на мелограмите се прави уште еден исчекор во содржината на легатот и брзото и лесно пребарување, посебно имајќи ја предвид неговата обемност.Овој настан исто како и попишувањето на комплетната содржина на легатоте од посебно значење за заштитата на македонското духовно културно наследство. Треба да се истакне дека и овој зафат како и сета активност на Архивот
Бужаровски (BuzAr) во кој ќе биде примарно депониран овој каталог, е изведен исклучиво на волонтерска основа. Поводот за попишувањето на мелограмите произлезе од работата врз колекцијата на носачи на звук (ленти и касети) од истакнатиот македонски фолклорист Кирил Пенушлиски, која е дигитализирана во Архивот Бужаровски од вонр. проф. д-р Трена Јорданоска во 2008 година. При тоа во метаподатоците кои ги придружуваа лентите беше назначено дека дел од нив се мелографирани од Васил Хаџиманов. При пребарувањето на овие мелограми во архивот на МАНУ беше одлучено да се попишат сите мелограми, за да не се случи да се испушти некој мелограм кој може да е зафрлен меѓу останатите материјали. По завршувањето на оваа каталогизација беа скенирани 787 мелограми од кои 610 мелограми се поврзани со Колекцијата Пенушлиски. Тие во моментов се обработуваат и пренесуваат во современ нотен процесор со што ќе се овозможи внесување на податоците кои недостасуваат во мелограмите на Хаџиманов. На овој настан ќе се одбележи и 25-годишнината од првите две дигитални снимки на хард-диск од творештвото на Димитрије Бужаровски (соло песната Тишина и композицијата Скелетот и убавицата). Направени во програмата Про Тулс во 1993 година, тие се првите дигитални снимки на хард-диск не само во Македонија, туку и на Балканот. Со нив ќе биде означен почетокот на дигиталното архивирање кое подоцна ќе стане дел од архивот БузАр.БузАр е најголемиот дигитален архив на звучно културно наследство во Република Македонија и пошироко на Балканот. Во него се наоѓаат дигитализирани и во најголема мерка каталогизирани 2 терабајти со аудио, видео, фотографии, книги, есеи и публицистички текстови, МИДИ, партитури, мелограми,бази на податоци – поврзани со македонското и балканското културно наследство. Меѓу нив посебно се издвојуваат 14 обемни колекции со музички и говорен фолклорен материјал (Фирфов, Видоески, Пенушлиски, Брзанов, Линин, Бадев, над1500 детски песни и игри снимени во видео формат од Македонија, Косово и јужнаСрбија), но и сопствената продукција на 20 документарни филмови и целокупни концерти (Ѓорѓи Доневски, Бапчорки, Костурчанки, Калистрат Зографски, портрети на Александра Џамбазов, Љубомир Бранџолица, Јордан Цаневски, Зоран Димитровски, Иван Кочаров, Евушка Трпкова-Елезовиќ, Снежана Анастасова Чадиковска, Јени Јол, Ендејдик итн.), 6 музички спотови, над 190 кратки видеа од хрониките на ИРАМ и БузАр и над 110 аудио снимки од концерти.БузАр содржи и 219 музички творби од досегашното творештво на Димитрије Бужаровски претставено преку партитури, текстови, МИДИ, аудио и видео записи, кои по себе претставуваат пресек на македонската музичка култура во последните 50 години, како и целокупниот теориски опус на Бужаровски од објавени текстови и книги. Она што посебно импресионира е што овој архив кој посебно активно работи во изминатите две децении, како што веќе истакнавме постои исклучиво на волонтерска основа, и приватната иницијатива на проф. д-р Димитрије Бужаровски и групата професори и студенти кои соработуваат со него, што е секако уникатен пример не само во македонски туку и во балкански рамки.

Advertisements