14Неодамна ја објавивте својата прва соло песна „Кога тапанот ќе стивне“, со што се најавувате како ново музичко име, со забележливо, исклучителен талент. Како што е редот на нештата, да почнеме од идејата, за создавањето на оваа песна.
-Eдноставно ме понесоа емоциите, ја зедов гитарата и текстот и музиката излегоа само излегоа од мене. Потоа само е додадено интрото и некои промени во аранжманот. Јас сум целосен автор, гитара и тапани свират Јолакоски Виктор и Ѓорѓи Мангоски, снимана е во „Кречоз саунд студио“, а видеото го изработи Раде Гогоски. Со снимавме во Дом на културата Григор Прличев-Охрид, со поддршка од директорот Стрезо Стаматоски. Со оглед на тоа дека е моја прва песна сум сосема задоволен од гледаноста на јутуб и другите социјални мрежи.
Посветата на песната е емотивен момент за Вас.

-Посветата премногу емотивна и не би сакал никој да добие инспирација од слична ситуација. Посветена е на еден од најголемите луѓе кои јас сум ги познавал. Тапанарот на мојот поранешен бенд ” Гримус” – Стефан Голабоски, човек кој што последен се приклучи во бендот, беше најстар од сите нас, а за многу кратко време стана мотор на бендот и не водеше сите, несебично и со преголема енергија, и за неколку месеци, од обичен бенд не донесе до бенд кој е предгрупа на Александра Пилева и „Електрични Оргазам“, на Скопско кале. Организираше фестивал ” Дојди Веслај” , со кој сакаше да им помогне на македонските бендови да се афирмираат што повеќе и сите мислевме дека е неговата позитивна енергија нема крај, на само 26 години не напушти. Мислам дека тоа е нешто со кое јас никогаш нема да научам да се носам. Така што оваа песна е најмалку што можев да направам за да му се заблагодарам.

Вашиот талент е забележан и пред неколку години, како член на групата „Барел роу“. Иако творештвото на музичарите во охридско стушкиот регион е фрлено во втор план, особено со гостување на познати имиња од Македонија и Балканот, вие сепак како бенд успеавте да се покажете и да постигнете значителна промоција. настапивте и на престижниот Демофест. Какви се вашите бендовски искуства?
-Јас сум пред се дипломиран оперски пејач, а воедно и професор по соло пеење, така што мојата љубов кон музиката е во една поинаква димензија од тоа само сакам да пеам. Моето бендовско искуство започна пред 14-тина години, со разни локални бендови кога сцената во Македонија, односно рок сцената беше на завидно ниво, се свиреше за себе, а не за да бидеш продаден. Со „Гримус“ стигнавме до завидно ниво, требаше да почнеме и со настапи надвор од Македонија, но се случи овој трагичен настан кој не скрши сите и беше тешко да се продолжи. Потоа се посветив на факултетот и малку ја изоставив оваа гранка, за пред две години пвторно да се одлучам да се вратам и го оформивме бендот „Барел Роу“, со кој за само шест месеци успеавме да стигнеме до тоа да бидеме единствен бенд од Македонија кој беше примен на Демофест во Бања Лука. Снимивме две песни, оваа и уште една која има англиски текст и се надевам дека набрзо ќе биде издадена. Потоа дечките од бендот решија да се посветат на учењето, а јас решив дека е дефинитивно време да се посветам на себе си и да ги ослободам песните кои се со години заробени во фиока, под мое име.
Каква е организираноста на музичарите во Охридско струшкиот регион, со оглед на тоа што има доста квалитетни и голем број музичари.

-Охридско струшките бендови во последно време се повеќе се здружуваат и тоа мене ми се допаѓа, само што не се доволно признати, затоа што некако централизмот секогаш има удел. Но мислам дека колку се зближени и добри, покрај нивната творечка и изведувачка историја, го покажа трибјутот на Пинк Флоид “Numb” кој звучеше и изгледаше светски.
Што очекувате од себе си во некоја подолгорочна иднина, а што да очекува публиката во блиска иднина?

-Па, од себе си очекувам да продолжам да творам на ова поле, секако секоја моја песна е песна што ми значи и ќе биде направена онака како што јас сакам да биде направена. Се надевам дека ќе и се допадне и на публиката, затоа што ќе се обидам да извадам песни кои ќе останат, а не кои само ќе се продадат и ќе им помине времето, а планирам и да се посветам на операта која што секако е моја најголема пасија. Во блиска иднина, во многу блиска иднина, планирам да објавам утре една песна, а потоа да продолжам со некој континуитет.

Advertisements