Втори Август 2018, Охрид

Со величествен концерт на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, заедно со неговите гости, ноќ спроти Илинден, во Охрид беше одбележан достоинствено и достојно најголемиот празник за македонската нација.
Преполниот Антички театар, и внатре и отстрана, се претвори во- под ведро небо храм на музичко доживување, кое вреди што ќе остане како свечена музичка национална трага.
Празничниот концерт, исполнет со врвна и мајсторска рафинираност и стил, од почеток до крај, Влатко го почна со инструментална избедба на познатите „Абер дојде Донке“, потоа и, „Огрејала јасна месечина“, „Зошто си ме Мајко родила“…(двете снимени на неговиот најнов албум „Мајчин јазик“).
-Добровечер драги дами и господа. Голем поздрав од мене. Добровечер во Охрид, во античкиот амфитеатар. Добровечер на Македонија. Голем поздрав до сите гости и туристи кои се во моментов овде, случајно или намерно . Големо задоволство ми е по четвртти или петти пат да свирам на овој навистина прекрасен простор, на оваа магично и мистично место. Верувам дека ќе имаме прекрасна вечер, се гледа ѕвездено небо за разлика од претходните ноќи и денови. Верувам дека ќе имаме добро време и имаме добро време. Ги имаме сите услови да поминеме една прекрасна вечер заедно. Фала ви многу што дојдовте и што имате доверба дека ќе ве забавувам и дека ќе направам заедно со моите гости и пријатели вечер за паметење, поздрави Влатко.
Понатаму, на својот „музички разбој“ ги ткаеше инструменталните теми од албумот „Мајчин јазик“, потем, ја исвири „Бистра вода“, и како што рече најпознатата македонска песна „Jовано, Јованке“, „Море сокол пие“, ја смена и гитарата, направи и мал музички времеплов со некои од своите безвременски евергрини од времето на „Леб и сол“, гитарски ја изведе „Успаванка за Радмилу М“ (од „Бијело дугме“, во чие снимање во М2-МРТВ соевремено учествувал и тој), ги отпеа „Мирното лето охридско“, „Џипси сонг“, „Чувам ноч од будних“…

љубојна.jpg

Со првите гости „Љубојна“ ја запеаја „Јано мори“. Извонреден спој, со голем уметнички набој, претсвуваше настапот со Теодосиј Спасов од Бугарија и хармоникашот Танос Ставридис од Грција, проследен со овации, а кога им се придружи и етно пејачката Биља Крстиќ од Србија заедно ги изведоа „Калајџиско оро“ и „Димитријо, сине Митре“.
-Ова е Балкан во мало, ова никаде го нема, освен во Охрид- рече Влатко.

влатко 1.jpg
Атмосферата кулминираше во тие моменти, на кои потоа се надоврза и оперската дива Весна Гиновска Илкова со „Учи ме мајко карај ме“, „Македонско девојче“ и „Time to say goodbye“.
Двата биса беа изведени од Влатко и сите негови гости, „Скопје“ и „Чукни во дрво“.
Националниот бит доминираше во секој отсвирен тон, космополитскиот во неповторливата комбинација со гостите од Србија, Бугарија Грција, а во чест на неодамна починатиот најславен хрватски пејач Оливер Драгојевиќ , гитарски ја оствири „Молитва за Магдалена“.
Покрај исклучителниот звук, кој звучно се цедеше совршено, како капка по капка во мирно езеро („кап, кап, кап…“), посебно впечатливо беа визуелните стилизирани анимации на големиот бим на сцена, што му даваше дополнително волшепството на ноќта.
На ниво, какво што доликува на Македонија за Илинден, со највиртуозниот актуелен сценски уметник, со врвни гости, со организација од „Баги комуникации“ во која се препознава дека се беше сторено од срце и душа, впрочем, како што и беше целосно направен овој концерт од сите на, и зад сцената.
Македонците гордо славеа, и „пиеја“ од музичкиот нектар, со највкусен музички сок, што им го подготви Влатко Стефановски на Антички театар, на Први Август 2018.

Валентина Ѓоргиевска Парго
Фото: Мимоза Чолак

Advertisements