micccc

Среќна и убава Нова 2019 година!

Среќна и поубава естрадна година, посакувам за сите нас. Нешто што веќе деценија и повеќе е сосема заборавено, или погрешно насадено.

Естрадата е создадена да (ни) биде убава, весела, шаренолика и да го весели и забавува народот, да му ги растерува темните облаци од пред очи, да го опушти, разведри и разоноди. Да му ги расчепка најубавите сетила. Едноставно- да го направи среќен.

Или што би рекол драгиот Џаровски, „Естрада е Божица на јавниот живот“.

Затоа, основно правило е и личностите кои ја сочинуваат, особено на сцена, да бидат олицетворение на тоа. На убавина. Во секаква форма. И на култура и фино однесување.

Не случајно, кога се оформувал и растел Холивуд сите ѕвезди кои биле „измислени“, поточно откриени или создавани, биле најдоброто што било на располагање- убави, позитивни, ведри, секогаш тип топ средени, насмеани, мили, вистински идоли. Нивните недостатоци кои ги имале како и секој „обичен“ човек (а напати и повеќе), биле вешто криени, а за нивниот стил на живот, најчесто неморален и распуштен, се дознавало  дури по нивното заминување од овој свет. Не во моментот додека сјаеле!

Инаку, не би биле тоа, не би биле ѕвезди кои зрачат и огрејуваат со радост. Да, и самиот поим ѕвезда е нешто што сјае, во најмала рака, нешто што има поголем сјај од другите.

За жал во современото општество таквите ѕвезди како да згаснаа. Кај нас ми се чини, не само што немаме вистински ѕвезди, како повеќе да имаме „една сурија трагачи по публицитет и популарност“, кои гледаат да ја зграбат и стекнат на разни начини, или да добијат макар уште „пет минути дополнителна слава“ и внимание. Нивните тактики најчесто се перфидни, подмолни, уништувачки за другите, газат се пред себе, а во јавност тоа долго е невидливо или прекриено со „мистерија“, се додека дојде мигот кога самите ќе се откријат во вистинска форма. Моментот штом ќе почнат „апла“ да се претставуваат како жртви (а се жртви само на себе си, на својот карактер и/ли на својата нарушена ментална состојба).

Тоа го прават грчевито обидувајќи се да си ги повратат славните моменти кои згаснале, а некогаш порано ги доживеале,макар и во одредена, макар и во лажна форма.

Кога се им оди добро, се претставуваат како принцези и принцови од бајки, кога почнува да зарибува се „пробиваат“ и „истакнуваат“ со скандали, трачеви, полнење на жолтиот печат, па со насилно однесување и на крај, кога стануваат сосема неинтересен/на, последната фаза е леење солзи пред камери. И кога сето тоа се случува, во тој момент згаснува идолот кој до вчера бил „слика“ на нешто позитивно во вашите мисли. Си заминува од таму. Ве изневерил. Ги изневерил вашите чувства. Ве предал. Може не токму во тој момент, но психолошкиот ефект кој го остава кога поразен/а ќе „заплаче пред вас“ понатаму го носи тоа чувство, на разделување со идолот во вас.

Дури и деновиве, замислете за новогодишните празници, кога сите треба да сме расположени, осамна таков случај, пејачка се обиде со солзи да ја облее камерата и да им го расипе новогодишното славје на гледачите, и да раскажува за нешто што во принцип треба да е свето, болката од загубата на родител. Тука веќе не станува збор само за тоа колку е тоа недостоинствено, нонсенс и без осет, сквернавење и грдеење на професијата, туку за нешто уште посуптилно, а се нарекува „намерно вознемирување на публика“.

Колку е тоа темпирано, смислено, „страшки“, пресметано, не е наше да судиме. Колку е тоа безобразно и дрско кон публика- нема мерка.

Ова важи за сите јавни личности кои излеале патетика од најцрните моменти во својот живот во медиумите. Можеби и не се свесни, но во тој момент згаснува нивната ѕвезда, засекогаш. Тие повеќе не може да разбудат позитивно чувство кај публиката, колку и да сакаат, што и да направат.

Народот нив ги одбрал затоа што во нив гледа привремено бегство од своите проблем. А не дека треба да ги споделува и нивните проблеми и патила.

Зошто и овој текст е дел од МЕМ, затоа што тоа е манипулирање со публика. Тапкање по чувствата на публиката, поигрување со нив.

Естрадна личност, но и уметник, не треба во моменти кога е паднат, несреќен, со одредена непријатна ситуација, да ја шири таа енергија на сцена и пред камера. Нека паузира, нека гризне јазик, нека замолчи. Нека се дистанцира. Зошто уметникот, оној вистинскиот, треба со публика да ја споделува само својата радосна и животворна енергија, се додека ја поседува. Кога таа веќе го напушта, времето му е да отстапи простор на некои нови засветени, таленти.

На почекот на оваа година посакувам што помалку згаснати, уморни, патетични ѕвезди чие време заминува, а што повеќе млади свежи енергични и искрени таленти.

Среќна и убава  Нова естрадна година!

Advertisements