zdravko ostojik slika

Веста за тешката состојба во која се најде наш некогаш активен музичар и продуцент, но и кантавторот Коста Бургов, пред се од егзистенционална, но и од здравствена природа (за која ние во нивно име не би говореле јавно), ги фрли во размислување некои од посвесните наши музичари.

Еден од нив, академскиот музичар Здравко Остојиќ дава своја изјава, со што би можело да помогне да се создаде појасна слика за состојбата и тешката ситуација што на полето на авторството кои со децении, за жал, се случува ка јас. Ви ја пренесуваме неговата изјава во целост:

*********

Во врска со изјавата што сте ја добиле од продуцент, моето искуство е многу слично на тоа, па да не се повторувам. За жал, тоа е реалноста на авторскиот живот во Македонија. Колегата многу убаво и точно објасни, онака како во основа е целата таа ситуација на македонската естрада за повеќето автори. Во моите коментари на таа тема, гледам општо да ги сумирам нештата, во некоја рака, воедно и како заклучок и како поддршка за веќе изјавеното. Ви благодарам од сѐ срце, што со сите Ваши транспарентни и непристрасни текстови на таа тема, нѝ се придруживте во нашата борба за враќање на достоинството и полниот сјај на македонската музика.

Од таа страна ова е своевиден и епохален фељтон, и Вашата храброст и професионалност како новинар е за секоја почит и признание, бидејќи сте првата вака сериозно да се зафатите со оваа ни малку лесна тема, која според некои аспекти е и ризична.

Ама, ако продолжиме дѐ молчиме за таа најголема рак рана на македонската естрада, тогаш нема ни да дојде вистинската шанса за нештата да престанат да назадуваат, туку конечно да се променат и тргнат кон подобро. Пред и над сѐ, бидејќи тоа е суштински важно за македонската музика, која во денешното информатичко време, имаме не само можност, туку и должност да ја претставиме во светот во најдобро можно светло.

*********

Македонската музика е најголемиот македонски амбасадор, и на тој начин треба да се третира и почитува, и од наша страна како автори и од страна на Македонија како држава, која со својата музика и култура може и треба да биде меѓу светските лидери. Македонија е можеби мала земја… но нејзината музика и култура во основа се една голема и пребогата ризница. Ако е некоја земја мала, не значи дека не би можело во полна смисла на зборот законски да се уреди и беспрекорно да функционира. Македонија конечно треба да тргне сериозно да игра и вложува на картата, што е нејзина најсилна страна, а тоа се музиката и културата.

За жал, со децении повеќето композитори во Македонија се во ваква ситуација, не по нивна вина. Авторите всушност и не бараат ништо да им се подари, туку поголема рамноправност и воведување на неопходни законски одредби, и основни услови за нормална работа. Нема веќе каде, премногу се трпеше и молчеше, залудно чекаше нешто да се подобри, и мора за тоа да се проговори. Со единствена цел, да се поттикнат соодветни институции и правни субјекти во државата да почнат да влијаат и сериозно да преземаат мерки за расветлување и решавање на музичкиот криминал. Целата проблематика е доведена до таму и толку хронична, дека ова не е само жалба на неколкумина, туку крајно време е да се согледа како приоритетно државно прашање, од чие решавање најмногу ќе зависи понатамошниот развој и иднината на македонската музика.

*********

На државно ниво, не треба веќе да се дозволува повеќето автори да се маргинализираат, за неколку автори да живеат како бубрези во лој. Криминалот, не може да биде критериумот за македонската музика, а практично тоа се случува бидејќи државата не презема мерки да го забрани и казнува тоа како сериозна злоупотреба. Треба да се размислува за македонската музика, далеку повеќе од аспект на авторството и оние кои истата ја создаваат. Тоа не се неколкумина луѓе, туку цела плејада од композитори, текстописци, аранжери и музички продуценти, на кои практично и поточно законски не им е решен статусот и нивните основни права како активни автори-дејци во државата. Да се разбереме, ова не е само некое слободно уметничко, туку политичко и стратешко државно прашање. Тоа е така, бидејќи музиката и музичките дејци се во практична смисла најголемите амбасадори на секоја една земја во светот. Жално е и крајно алармантно ова што се случува во Македонија, каде музичкото авторство е толку со децении обезвредено и потценето. Сѐ поретко можат да се слушнат квалитетни песни, кои би требале да бидат најголемите амбасадори на Македонија и македонската култура. А, истите иако можат да се создаваат и треба соодветно да се вреднуваат, воглавно за жал недостасуваат, најмногу поради загрозеноста на авторството како еснаф и лошата ситуација со решавањето на авторските прашања во државата.

Срдечна благодарност и со почит, -Здравко Остојиќ

Advertisements