slika 1

(25 јануари 2019)

Министерот за култура Асаф Адеми во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со г-ѓа Фабиана Буенавентура Канино, претседател на шпанското Здружение на автори и издавачи (SGAE), на која присуствуваше и амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија Емилио Лорецо Сера и повеќе експерти од оваа област.

На средбата, министерот Адеми и гостинката од Шпанија, која е член и на Бордовите на Светска организација за интелектуална сопственост и на Здружението за заштита на аудиовизуелната сопственост, разменија мислења и ставови поврзани со заштитата на авторското право и сродните права, како и со измените и дополнувањата на нашиот Закон за авторското право и сродните права, во контекст на негово усогласување со законодавството на ЕУ.

Буенавентура Канино на средбата потенцираше дека Здружението на автори и издавачи (SGAE) е приватен субјект кој со своето долгогодишно искуство е посветен токму на одбраната и колективно управување на правата на интелектуална сопственост на своите над 120.000 членови.

Имајќи ја предвид потребата од донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права кој ќе биде усогласен со законодавството на ЕУ, министерот Адеми подвлече дека истиот целосно ќе создаде услови за непречено остварување на авторското право и сродните права, особено во делот на колективното управување. Тој додаде дека Министерството за култура, во најтранспарентна постапка, ги зема предвид и ставовите на сите засегнати страни (носители на права и корисници) во процесот на донесување на измените на Законот.

Advertisements