(Скопје 10.02.2019)

Извинете! Не ги прочитав резултатите од годинашниот конкурс за распределените средства за култура. Не ми отвораше линкот, и подобро, не сум многу заинтересирана. Секоја година тоа е само арена во која се борат кој повеќе ќе го раскине пленот, буката е додека е борбата, и играта завршува во истиот момент кога секој ќе добие по некое парче од пленот, во „крвавите“ заби. Некој повеќе, некој помалку.

Од она што го прочитав како реакција, мене лично ми падна жал за двата актуелни фестивала Скопскиот и Оффест, фестивали кои не се одраз (строго) на македонска култура, ама се најелегантното нешто од областа на културно-забавниот живот, што и се случува на државата. Организаторот тврди дека биле одбиени поради анимозитет на членовите на комисијата, Премиерот изјави дека не им биле доставени документи.

Задоволни и незадоволни секогаш ќе има…Културата е тоа што треба да остане, во недоглед.

Но дали ја има и дали ја креираме?

Културата во една земја подразбира:

  • Вложување во вистински и продуктивни уметници, посебно во младите чие време допрва доаѓа.
  • Вложување во нивна соодветна едукација и обучување.
  • Купување инструменти за младите (кои тоа не може да си го дозволат).
  • Мотивирање и стимулирање да бидат се подобри во својата професија, и да остават трага во антологијата.
  • Големи и соодветни модерни сали, со соодветна акустика.
  • со соодветни технички услови за безбедност.
  • со соодветни услови за сместување на публиката.

Етсетера,  етсетера, етсетера…

********

Извинете! Јас култура не подразбирам фрлање пари за преживување на луѓе кои си замислиле дека се (вечни) уметници, и главно не работат ништо, чекаат државата да го награди нивниот самопрогласен „епитет“ Она што е уште пострашно, на име „култура“ се даваат пари по дифолт, на истите шеми, на „извикано име“, на оние кои и без тоа имаат високи примања  (плати, пензии, хонорари, дотации)… Се одбиваат непознатите, оние кои нема кој да ги „подбутне“, кои се надеваат дека е доволно да се потпрат на сопствениот талент и дело.

Колку е разликата во квалитетот, на првоспоменатите и на второспоменатите, за жал пазарот не може да ја определи, како што е секаде, бидејќи на пазар не се продава ама речиси баш ништо. Дури ни билети за музички настани. Ни книги. Ни слики. Ни оние „најнаградуваните“ и „најдаруваните“ од Министерството за култура.

Не би сакала уметноста и културата да е поддржана на ваков начин, би сакала- да имаме сали, во секој град и секако и селата, и помошта од државата да биде тоа што бесплатно би ги отстапувала на оние кои се дел од сцената. Се друго да си заработуваат сами.

Дали имаме доволно квалитетен уметнички репрезент, тргнувам од себе- при себе секое заминување во странство јас лутам по продавници, барајќи албум по светски критериум кој во исто време ќе ја претстави и отслика македонската автентичност, но за жал , такви албуми нема или се само неколку инструментални. Албуми кои ја претставуваат душата на „Македонија“ немаат ни најдобрите вокали. Тука се гледа нашиот „културен“ резултат!!!

Што значи тоа постојано субвенционирање од државата? Има ли логика да се финансираат постојано истите имиња, концерти и настани кои се празни и нема интерес за нив, албуми кои никој не ги слуша, книги кои никој не ги чита, слики кои никој не ги купува?

Може ли барем да се воведе критериум оној кој добил годинава да нема право да се пријави барем следните две- три години?

Згора на тоа, пак, воопшто не ја разбирам потребата државата да организира покривање на проекти на трговски друштва, тоа спаѓа во трговија. Се разбира, сите тие концерти дури и на светски ѕвезди ја забавуваат публиката, но сепак, тоа нема допирна точка и не оди на конто на македонската култура. Ако нешто е потребно да се претстави од друга култура, тоа го прават Амбасадите на тие држави во нашата земја, а не трговци.

Имаме ли уметник, книга, музика, дело, кое допрело светски музички врвови?!!! Светски нивоа. Критериуми! Создадовме? Кое се чита, слуша, прераскажува??? Немаме! Сево ова е само- платен обид.

Полека! Чекајте! Не избрзувајте со реакции и напади! Зборуваме за македонска култура.

Македонската култура ќе има само кога ќе искреираме, поддржиме и направиме светски уметници. Но! За жал, познатите и докажани наши уметници се третираат на несоодветен начин, а младите уметници, сфаќајќи го ѕидот со кој се соочуваат или заминуваат во странство да студираат и да се вработат, или заминуваат откако ќе дипломираат, и не се враќаат.

Е, затоа, немаме ни регионално име, а не камоли пошироко. Дури и легенди, од типот на „Леб и сол“, згаснуваат и времето ги покрива со превезот на заборав.

Очигледно е дека турбуленции во македонската култура се предизвикуваат само еднаш годишно, кога се објавуваат резултатите за пари, тогаш еднаш се јавуваат уметниците, со обвинување дека не им е дадено доволно,дека комисијата не е стручна, и се повикуваат на национализам. Во текот на годината тие уметници речиси како да пропаѓаат в земја.

Ако некој смета дека поимот уметник треба да биде платен сам по себе, нека им се дава еден вид социјален надомест, еве да речеме по 100 евра месечно. Се над тоа секој уметник треба да го заработи со својот труд и со продажба на своето дело, и на пазарот. Во спротивно,се толкува како измама и профитерство на грбот на државата и на чесниот граѓанин кој работи, произведува, и си плаќа данок.

Волја, да се расчистити теренот за култура, нема ни кај самите личности кои се вклучуваат во нејзиното создавање. Се чини, нив им е битно само да се земе пари. На крај се се превора само во битка за пари.

Неодамна една пријателка ми пиша дека тешко го доживеала моментот што платила огромна сума пари за концерт на Андре Рие во регионов, а подоцна било објавено дека ќе дојдел и во Скопје.. Мојот одговор беше- „Да платиш кај нас и да не одиш!“ Кое е задоволството да го гледаш и доживееш во сала која има лоша акустика? А пред тоа си го доживувал барем преку јутјуб снимка на врвно ниво. Уништено задоволство (ако и е  задоволство воопшто). Затоа, ни требаат вложувања во нешто што ќе остане. Не раситнување. А се даваат огромни, огромни суми, кога ќе ги собереш во еден збир.

Како новинар, вклучен во сферата, подипломатски би било да пропагирам да се даваат тие пари како досега, па наградените  да ме величаат, да ми симнуваат капа, да ме вивнуваат до ѕвезди.

Но, не! Како с(о)весен граѓанин, кој има одговорност пред својата професија и пред генерациите кои треба да доаѓаат, велам, треба да застанеме во одбрана на вистинските и трајни вредности. Во земја, каде културната традиција одамна е нарушена и продадена, раситната и сведена на трговска тезга од типот- „зграби пари од државата и бегај!“. Зошто, вака излегува дека во државава имаме над 5.000 барачи на годишна културно-социјална помош „на мало“, а меѓу нив и неколку лукави ненаситни профитери наголемо.

А уметниците и уметноста, каде се?

(За илустрација, фотографија од настан со крупни пари помогнат од државата и градот)

Валентина Ѓоргиевска Парго

evrofest

Advertisements