zdravko ostojik slika

Оние што љубат пари, не можат да создаваат култура! За спас на македонската култура, прво што треба да се направи е најитно да се отстранат од раководечките позиции, сите до еден оние што љубат пари. Во спротивно, македонската култура наместо кон својот процвет, ќе продолжи вртоглаво да ита кон својата пропаст. Оние кои ја раководат културата на еден народ, треба всушност да работат најодговорно и да гледаат авангардно, на долги патеки. Главната цел на таквите раководители не е никакво стекнување пари, туку највеќе да го помогнат и поттикнат развојот на културата. Клучот е транспарентноста. А, оние кои љубат пари, работат крајно несовесно и нетранспарентно. Гледаат само на кратки патеки – да ги наполнат своите џебови, дури и по цена на обезвредување, па и уништување на културата.

Во Македонија, крајно време е да се прекине долгиот синџир на непотистичка традиција, која со децении во корен ги сече најголемите потенцијали на оваа земја. Тоа е нешто што државата не ја води кон никаков прогрес, туку сѐ поглема деградација и растечка бесчувствителност кон вистинските вредности. Исто така, треба да се воведе задолжителен испит на карактерот на личноста, со чија помош полесно уште од почеток ќе се заклучи дали и кои кандидати за раководни позиции имаат соодветен карактер за таквата најкарактерно изискателна работа, или се само уште едни во низата дволични и бескарактерни љубители на пари.

На раководни позиции не нѝ требаат актери и хохштаплери, туку дејци и визионери, кои можат да бидат онакви револуционери, какви што очигледно ѝ недостасуваат на Македонија. Едно треба сите да разбереме: кога во Македонија наместо политиката, културата ќе биде главна, тогаш Македонија ќе стане не европска, туку светска земја. А, сѐ дури културата во Македонија се става на дереџе и остава на просјачки стап, до тогаш Македонија нема да биде ни европска земја. Без културата, Европа за Македонија е само пуста желба. Културата е најголемата сила на Македонија, и што побрзо тоа го разбереме, тогаш и многу посоодветно ќе започнеме да ги решаваме проблемите и клучните прашања за напредокот на животот во државата. А, сѐ дури дозволуваме политиката да плука по културата, сѐ дотогаш народот ќе живее за никаде.

Она што меѓу првите нешта ќе го забележите во државите што одлично функционираат, е дека таму сѐ што е поврзано со културата е на високо ниво и особено се почитува. Народот има услови да ја почитува културата. Значи, нивото на културата ја означува добросостојбата и цивилизираноста на една држава.

-Здравко Остојиќ, академски музичар и текстописец

Advertisements