Не знам колкумина од вас го сретнале овој податок, но еве, во некои други векови, големи креативки, кои со своите дела го превртувале времето во кое живееле, морале да користат псевдоними, само за да не се дознае дека тие се тие.

Да тргнеме од најпознатите, на пример познатите сестри Бронте за своите првични дела користеле псевдоними, затоа што ги користеле своите соседи како инспирација за ликовите во нивните книги. Ен Бронте романот „Закупничката на замокот Вајлдфел“ го објавила самата потпишувајќи се како Ектон Бел. Нејзината сестра Шарлот ги објавила „Вилет“ и „Џејн Ер“ под псевдонимот Карер Бел, а Емили Бронте, за историскиот „Оркански височини“ се нарекла себе си Елис Бел.

Ако ви се верува, некои женски авторки во 19 век, кога авторството се сметало за машка професија, користеле дури и машки имиња, а тоа е Мери Ен Еванс, која пишувала како Џорџ Елиот. Еден пример е Амандин Орор Лисил Дипен, позната била како Жорж Санд, а Џејн Остин го користела псевдонимот “Лејди” .

Најпознатото дело на Луиза Меј Алкот, „Мали жени“, беше објавено со нејзиното име, но често користи прекар, за да напише сензационални готски трилери со заговор што се смета за несоодветен за жена од 19 век.
Овој податок, што се однесува на книжевноста, го слушнав на една од обуките за џендер баланс, родова рамноправност, и само навидум е смешно што ги натерало тие жени да го прикриваат своето перо зад машки имиња.

*****
Еден и нешто повеќе век потоа, се чини се е променето. Дека жените се слободни да напишат што сакаат, да креират. И тоа во било кој дел од светот. Не велам дека не е така, но велам и дека не е така, баш сосема како што изгледа. И се уште во правописот наместо авторка, се користи жена-автор (во машки род)!

На пример, ние се уште би имале предрасуди доколку една жена напише „послободна книга“, или нацрта „послободен цртеж“, за разлика од маж, кому никој не би му го зел за толкаво зло и би му било простено уште истиот момент.

Во секој случај, и јас, иако не се сметам себе си за феминистка, можеби правам некоја несвесна позитивна дискриминација, што двојно ме одушевува кога ќе видам жена автор, многу повеќе отколку маж автор.

Во таа смисла деновиве посебно ме одушеви што музичка авторка на целиот нов албум на етно групата „Баклава“ , „IV“, кој во едно ги спојува културните разлики на Балканот и пошироко, во кој се пее на повеќе јазици, и во кој во секоја музичка тема посебно се „опеани“ многу егзотични бои, е самата вокалистка Елена Христова.

И, побрзав да се пофалам пред пријател но тој очигледно понесен и од секојдневните апсурдни „нијанси“, побрза да ме побие дека албумот е нешто туѓо и дека тоа автортсво не е нешто што го интересира .

-Тоа е група која во самото име не отсликува ништо оригинално македонското, а сега со својата музика и тоа го потврди. Ние пееме на македонски јазик и наши песни треба да бидат македонско етно, да се прави само во македонски стил, вака светот ќе помисли дека сме без јасен идентитет!, гласеше неговиот одговор, кој ме остави без зборови, познавајќи го и него дека е љубител на групата а и љубител на различна, посебно етно, музика, но и голем фан на Дарко Рундек, значајниот гостин на албумот.
На следното прашање, упатено кон него, дали доколку машко , еве Рундек ги компонираше песните како етно- микс од повеќе етноси и јазици, ќе го имаше истиот анимозитет и же го искоментираше истото, бидејќи самата музика ја познава и ја дозволува оваа слобода, не искоментира ништо значително, што би било во полза на мојот став.

Тоа, несвесно, се уште ја пробива предрасудата дека на авторките им се фаќаат кусури“, дури и каде што ги нема, и не би требало да ги има.

Жената сега е слободна да живее и следствено на тоа и да креира нешто ново, поунивезално. Времињата се сменети и скршени се прангите во кои со векови бил заробен нејзиниот интелект. Таа била заробена, во простор и време, и не случајно и е создаден тој претстоен празник 8 Март ( без разлика на различните толкувања, прифаќања или неприфаќања од жените) . Жената сега по сопствена желба се движи и циркулира низ сите меридијани, впива разни култури, се изразува и сето тоа е одраз на една поширока вистина. Оттука, нејзината слобода е веќе неограничена. Нејзината инспирација. Нејзиниот концепт. Нејзината визија. Нејзиниот стил. Нејзината волја.

Но, да се вратам за миг повторно на музичкото авторство на Елена, секако знам дека во Македонија понекогаш одредени дела и песни биле потпишани од музички авторки, но нивниот број е многу мал, незначителен ( да ги споменам Калиопи, Марга Весковска, Весна Малинова, Маја Павловска, Мијата,…). Или, со помал интензитет, отколку сега нејзиниот.

Овој пат она што ме охрабри и понесува кон една поголема ведрина е фактот што неа, од другата страна на балансот, во пресрет и излегуваат бројни мажи музичари, инструменталисти, а и самите тие автори. За да ја предлабочат и обработат нејзината визија, да ја дообојат и да и вдахнат живот, да и дадат поголема колоритност, да и нацртаат форма . Едноставно таа како да владее над сите нив, преку една умешна уметничка доминантност. А тие како сето тоа да го претвораат од илузија во вистина, од сон во јаве.

Инспиративно и заслужува восхит. Повикува на погледнување на смело откриениот нејзин внатрешен свет, на внатрешните и неоткриени досега авторски вредности, исчекор без ограничување, дело кое шепнува една голема вистина- жена авторка!

О, брилијантно!

Ох, и колку моќно тоа звучи!

И се надевам и верувам дека ќе поттикне да се појават уште многу авторки, тие одважно да ги изнесат на виделина своите музички визии, и, каков спој и да е, сите тие ќе носат една посебна боја, посебна уникатност и сензибилитет. Зошто, жената авторка е се уште недоволно откриен, но пребогат свет, и треба само малку повеќе храброст за да се открие.

Жената авторка, таа е чист извор кој треба да блика со се поголем и посилен изблик.

Валентина Ѓоргиевска Парго