(5 март 2020)

Avadarxi Quartet – „(Waiting at the) Turnstiles“
Вечерва во галеријата на МКЦ ќе се одржи концертната промоција на албумот „(Waiting at the) Turnstiles“ на групата Avadarxi Ensemble. Овој концерт ќе биде единствена прилика да се чуе музиката во живо и ќе биде со ограничен капацитет.

Aлбумот „(Waiting at the) Turnstiles“ претставува запис на еден спонтан композиторско-импровизаторски процес, кој звучно се наоѓа на тромеѓето на креативниот џез, современата класична музика и амбиенталната бучава. Снимката е направена на 11 јануари 2019, во сала „Фросина“, од страна на искусниот тонски снимател Ален Хаџи-Стефанов, кој успешно ги доловува сите тонски суптилности како на инструментите така и на собата каде што се снимени, со што овој албум покрај музичкото, нуди и едно поинакво звучно-акустичко искуство. Албумот ќе биде достапен за преслушување и купување преку Bandcamp платформата на King Gong, oд 1 март.

Avadarxi Quartet е група формирана во 2019 година, како своевидно продолжение на истоимениот ансамбл. За разлика од Avadarxi Ensemble, кој беше посветен на изведување композиции од авторскиот опус на Јордан Костов, музиката на квартетот се состои во најголем дел од слободно импровизирана атематска или монотематска музика. Составена е од искусни музичари, кои зад себе имаат преку 30 албумски изданија со артисти како Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Molokai, Баклава, Ensemble Moderne, Avadarxi Ensemble, Andreas Günther, Peter van de Loht, Roman Stoylar…

Avadarxi Quartet:
Нинослав Спировски (кларинет / сопран и тенор саксофон)
Јордан Костов (хармоника)
Дамјан Грујо (тапани / удиралки)
Дени Омерагиќ (контрабас / електроника)

Билетите по симболична цена од 100 денари ќе може да се набават од билетарницата на МКЦ на денот на настанот. Поради специфичоста на просторот истите се во исклучително ограничена количина.